Светска банка предвидува раст на бруто домашниот производ на Македонија од 2,7 проценти годинава и 3,1 отсто во 2023 година.
Светска банка, во јунскиот извештај за глобалните економски изгледи, ги намалува претходните економски проекции за земјава, годинава за 1.0 отсто, а за 2023 за 0.3 проценти.
Економскиот раст во 2024, според проекциите на СБ, ќе достигне 3,2 отсто.
Прогнозата за глобалниот раст за 2022, пак, е намалена за речиси третина, на 2,9 отсто. Главни причини за тоа се рускиот напад врз Украина и штетите предизвикана од пандемијата Ковид-19, кои придонесоа многу земји сега да се соочуваат со рецесија.
Војната во Украина ја забави глобалната економија, која сега влегува во период на слаб раст и растечка инфлација, со можност за натамошно влошување.
Претседателот на Светска банка Дејвид Малпас предупреди дека глобалниот раст годинава би можел да падне на 2,1 отсто, во 2023 година на само 1,5 проценти.
Малпас посочи дека глобалниот раст е попречен од војната, новите ковид локдаун мерки во Кина, прекините во синџирите на снабдување и растечкиот ризик од стагфлација, односно периодот на слаб раст и висока инфлација, кој последен пат е забележан во 70-тите години од минатиот век.
– Денес постои висок ризик од стагфлација. Бавниот раст веројатно ќе трае цела деценија поради слабите инвестиции во поголемиот дел од светот. Имајќи предвид дека инфлацијата сега е на повеќедецениско високо ниво во многу земји и се очекува понудата да расте бавно, постои ризик инфлацијата да остане висока подолг период, вели Малпас.
Светска банка предвидува дека темпото на глобалниот раст меѓу 2021 и 2024 година ќе забави за 2,7 процентни поени, што е повеќе од двојно од забавувањето забележано помеѓу 1976 и 1979 година.
Во извештајот, исто така, се предупредува дека зголемувањето на каматните стапки за да се стави инфлацијата под контрола кон крајот на 1970-тите беше толку големо што предизвика глобална рецесија во 1982 година и серија финансиски кризи на пазарите и во економиите во развој.
Постои реална опасност дека заострувањето на финансиски услови побрзо од очекуваното, би можело да турне некои земји во должничка криза како што беше во осумдесетите години, предупредува Светска банка.