![angelovska-miler-600x375](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/10/angelovska-miler-600x375.jpg?resize=640%2C400&ssl=1)
Светска банка ќе даде поддршка со околу 120 милиони долари за финансирање на пет проекти со кои ќе се подобри локалната инфраструктурата, ќе се модернизира пензискиот сектор и земјоделството, ќе се подобри енергетската ефикасност на јавните институции и ќе се обезбеди пристап до висококвалитетни широкопојасни услуги.
Министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска со потпретседателот на Светска банка (СБ) за Европа и Централна Азија Сирил Милер, директорот на СБ за Западен Балкан Линда Ван Гелдер и со извршниот директор на Групацијата на СБ за Конституенцата Кун Дејвитсе, за време на годишните средби на СБ и ММФ што се одржуваат во Вашингтон, разговараа и за потпишување договор со СБ за обезбедување 70 милиони евра за реализацијата на Проектот за изградба и рехабилитација на локални патишта.
Преку Проектот за енергетска ефикасност во вредност од 25 милиони евра ќе се вложува во подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти во општините, како и во јавните институции.
Проектот за модернизација на земјоделството е во вредност од околу 46 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра ќе бидат грант средства. Преку овој проект ќе се подобри конкурентноста на земјоделскиот сектор преку советодавен едношалтерски систем и земјоделски откупни центри, а истовремено ќе се јакнат и капацитетите за спроведување на ИПАРД. Се очекува договорот за овој проект да се потпише на почетокот на 2020 година.
Со Проектот за модернизација на пензискиот сектор ќе се модернизира пензиската администрација, ќе се воспостави единствен регистар на социјално осигурување, ќе се зајакне системот на вработување и професионална рехабилитација на лицата со инвалидност. Се очекува проектот да се потпише на почетокот на следната година.
До средината на следната година треба да се потпише и договор за финансирање на проектот Дигитална Македонија во износ од 30 милиони евра со кој ќе се овозможи пристап до висококвалитетни широкопојасни услуги.