Светската премиера на „Зазорува“ – поезија од Ацо Шопов и музика од Мајкл Спироф во Торонто

Светската премиера на „Зазорува“ – музичка и вокална изведба на поезија од Ацо Шопов, со композиции на Мајкл Спироф се одржа вчера во Торонто. Жителите на Торонто и денеска ќе имаат можност да уживаат во истата музика и во истата поезија, која канадски солисти ја изведуваат на македонски јазик.

Како што информира Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, „Зазорува“ е циклус од четири песни од Ацо Шопов: „Квечерина“, „Ако ти недостасува светлина“, „Песната и годините“ и „Будење“, во кој Мајкл Спироф прави оригинален сплет на ритми карактеристични за современата уметничка музика и традиционалниот македонски мелос. Додаваат дека поезијата и музиката се изведуваат по повод Денот на вљубените.

-Преку овие четири песни, „Зазорува“ ги следи трансформациите на ноќното патување на свеста, од самракот, преку соништата, до изгревот на новиот ден, објаснува Спироф.

Музичкиот и поетски циклус „Зазорува“ се изведува во рамки на „Конфлуентните концерти“ во „Heliconian Hall“, прогласен за историско национално место на Канада, во 2007 година. Во центарот на Торонто, оваа култна сала првпат ја собра публиката на еден ваков концерт околу поезијата на чилеанскиот поет Пабло Неруда, со композиции на канадскиот композитор Омар Даниел, на Денот на вљубените во 2006 година.

– Овогодишната програма повторно ги вклучува овие композиции на Омар Даниел, додека делата на двајцата талентирани млади композитори Мајкл Спироф и Франческа Хаусер доживуваат светска премиера, забележува организаторот на концертот, канадскиот диригент, виолонист, пејач и писател Лери Беквит. Мајкл, како што се наведува, избра четири прекрасни онирични песни од влијателниот македонски поет Ацо Шопов, а Франческа постави прекрасен текст на Аника Венкатеш, една од солистките кои настапуваат на концертот.

На концертот настапуваат афирмирани канадски оперски пејачи и музичари како Christopher Bagan Alison Beckwith Larry Beckwith Eero Daniel-Raum Omar Daniel Andrew Downing Anaïs Kelsey-Verdecchia Dion Mazerolle Patricia O’Callaghan Jonathan Stuchbery Anika Venkatesh.

Современиот канадски композитор, музички директор, пијанист и педагог Мајкл Спироф е роден во Торонто во македонско семејство. Дипломирал на Школата за музика „Манес“, во Њујорк (втор циклус, 2018 г.), и на Универзитетот „Мекгил“ во Монтреал (трет циклус, 2022 г.). Неговите дела се изведуваат во Канада, САД, Обединетото Кралство и Австралија.

Фото: Фондација „Ацо Шопов – Поезија“