Инвазијата на Украина поттикна многу западни брендови да се повлечат од Русија, но некои сè уште имаат продавници, ресторани и хотели во земјата и велат дека не можат да ги затворат.
„Marks and Spencer“, „Burger King“ и хотелските синџири „Marriott“ и „Accor“ се ограничени од сложени договори за франшиза што ги спречуваат да се повлечат.
Компаниите користат аутсорсинг за нивните операции во Русија и не ги поседуваат бизнисите во земјата што ги носат нивните имиња.
Заедно, овие компании имаат речиси 1.000 продавници, ресторани и хотели кои сè уште работат во Русија.
„M&S“ има 48 продавници, а „Burger King“ има 800 ресторани кои сè уште се отворени, додека „Marriott“ и „Accor“ имаат 28 и 57 хотели, соодветно, кои сè уште примаат гости.
Брендовите се блокирани со договори за франшиза, кои не дозволуваат отстранување на нивните имиња од руските трговски улици и центри, информира Би-Би-Си.
Многу западни компании имаат такви договори со децении. Продавниците на „Marks and Spencer“, на пример, се управувани од турската компанија FiBA, која ги поседува правата да продава производи на трговците на мало во Источна Европа од 1999 година. „M&S“ рекоа дека компанијата привремено го прекинала снабдувањето со производи на FiBA како одговор на војната.
Според сопственикот на ресторанот „Brands International“, рестораните на „Burger King“ ги водат и франшизи. Овие „долгорочни договори не можат лесно да се променат во догледна иднина“, изјавија од компанијата за Би-Би-Си.
Хотелските синџири „Marriott“, „IHG“ и францускиот „Accor“, чии брендови ги вклучуваат Ibis и Novotel, работат во Русија користејќи слични договори.
Хотелите на „Marriott“ во Русија се во сопственост на трети страни, но компанијата рече дека „ќе продолжи да ја оценува можноста овие хотели да останат отворени“, сугерирајќи дека ги ревидира своите договори за франшиза.
Според Греам Пејн од адвокатската фирма „Bird & Bird“, франшизата е погодна за западните брендови кои сакаат да влезат на пазарите во различни земји, но немаат локално знаење, пари или способност за тоа.
„Луѓето би се запрашале зошто овие компании едноставно не ги затвораат своите продавници? Но, од деловна и договорна гледна точка, многу е тешко да се направи тоа без сериозни правни последици“, рече Пејн.
Овие последици може сериозно да им наштетат на западните компании, кои би можеле да бидат тужени од франшизите доколку ги прекршат нивните договори, кои често се 10 години или повеќе.
Дури и ако брендот успее да добие пресуди во друга земја против франшиза во Русија, „руските судови нема да го спроведат тоа“, според Џон Прат, експерт за франшизи.
Во меѓувреме, компаниите се обидуваат да направат што можат во оваа ситуација и најавија поддршка за Украина по руската инвазија.
„Accor“, кој има 57 брендирани хотели во Русија и има 3.500 вработени во земјата, го суспендираше отворањето на нови хотели и резервациите за лицата на списокот со санкции.
„Burger King“, од друга страна, профитот од своите активности за франшиза во Русија го пренасочува кон хуманитарни цели.
„Marriott“ и „IHG Hotels & Resorts“, кои имаат по 28 хотели во Русија, исто така ги запреа новите проекти и инвестиции и ги затворија своите корпоративни канцеларии во Москва.
„M&S“ вети дека ќе обезбеди повеќе од 1,5 милиони фунти (1,95 милиони долари) за поддршка на бегалците, а исто така ќе донира палта и термална долна облека.
И додека многу брендови не можат да ја напуштат Русија, Yum Brands, кој ги поседува „KFC“ и „Pizza Hut“, објави дека го финализира договорот со својот главен партнер за франшизата за суспендирање на „Pizza Hut“ во земјата.
Брендовите се „многу загрижени“ за оштетувањето на нивниот углед бидејќи продолжуваат да работат во Русија, вели Хобс од адвокатската фирма „Bird & Bird“.
„Тие се загрижени од човечка и морална гледна точка за тоа што се случува, но мислам дека се загрижени и поради тоа што на голем број компании им се закануваат бојкоти“.
FOTO: ARTIOM GEODAKYAN/TASS