Светскиот ден на предвременото породување 17-ти Ноември е ден во годината кога вниманието го свртуваме кон предизвиците и товарот на предвременото породување на национално и на глобално ниво. Повеќе од 100 организации од целиот свет, меѓу кои и организацијата Лулка од Македонија, ги здружуваат силите и заедно, во синхронизирана акција и под заеднички слоган, го одбележуваат овој ден. Оваа година слоганот е „Родителската прегратка: Моќна терапија“. Организацијата Лулка подготвува активности и настани во пресрет на овој ден и се обврзува, како и досега, да помага на предвреме родените бебиња и деца и нивните семејства.
Цели на овогодинешното одбележување се:
- Подигнување на јавната свест за предвременото породување
- Насочување на медиумското внимание кон овој важен јавно здравствен проблем
- Непречено одржување на средби за поддршка на семејствата кои имаат предвреме родено бебе или дете и за трудниците со ризична бременост
- Поттикнување дебата за превенцијата на предвременото породување и за следењето на развојот кај овие бебиња и деца.
- Обезбедување финансиски средства за опрема и потрошен материјал каде е најпотребно, како и за обука на персоналот
Македонија во последните неколку години успеа да ја намали и одржи ниската стапка на смртност кај најкритичните, најмали предвреме родени бебиња. Како директна последица на постојано унапредување на условите и модернизација, од 2016 до 2021 година смртноста кај предвреме родените бебиња е намалена од 25% на 8%, со тенденција овој процент и понатаму да паѓа (извор: МЗ). Со зголемување на бројот на преживеани предвреме родени бебиња и деца, полека се наметнува прашањето за следење на развојот на предвреме родените деца во првите години од животот, водење на евиденција, лесен пристап до задолжителните прегледи, третмани и услуги.
Бројот на предвремени породувања од година во година постојано расте, и глобално и кај нас во Македонија. Процентот на предвремени породувања од вкупниот број на раѓања варира во различни региони и држави во светот и се движи од 5% во развиените Европски земји до 18% во земјите во развој. Со се поголемиот број на прематурни новородени, се наметнува и потребата за отворање на дискусија за навремена детекција на ризичните бремености и превенција на предвременото породување. Силната поврзаност на демографските, социо-економски фактори со предвременото породување, овозможува со едноставни и релативно евтини превентивни мерки да се намали товарот од предвременото породување, во споредба со интензивното лекување и третман на овие бебиња, кое е една од најскапите услуги во здравствениот систем насекаде во светот.
Покрај денешната средба, Лулка организира Донаторска недела (10-17.11.2022г.) во тек на која, со директна покана до стопанските субјекти и до семејствата кои се соочиле со прематуритетот, очекуваме да обезбедиме финансиски средства, со кои во следниот период директно би помогнале во постигнување на горенаведените цели. Овие средства ќе овозможат континуирано одржување на средбите за поддршка на трудници со ризична бременост и на семејства со предвреме родено бебе или дете. Средствата ќе бидат искористени и за донација на современи средства за лекување и нега, како и за обука на медицинскиот персонал кој работи директно со критичните мали и болни бебиња.
Централниот настан по повод 17 Ноември ќе биде Панел-дискусија, која ќе се одржи во Хотел Мариот на 17.11.2022 со почеток во 14:00 часот. На панелот ќе бидат присутни говорници експерти и поканети гости, како и претставниците на медиумите. Покровител на настанот на 17. Ноември е компанијата 4Upharma. Панелистите ќе дискутираат повеќе прашања и аспекти на следните теми:
- Превенција и намалување на бројот на предвремени породувања,
- Следење на развојот кај предвреме родените деца.