Холандскиот град Утрехт се најде на првото место на листата на најпријателски градови за велосипеди во светот. Во топ 10 листата на градови, освен Хангџоу од Кина, сите други се европски градови, пишува агенцијата Анадолија.
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) го прогласи 3 јуни како Светски ден на велосипедот, со цел да се охрабри употребата на велосипедот како еколошки и здрав транспорт.
На овој ден се организираат меѓународни и локални настани за да се поддржи развојот на велосипедската култура во општеството.
Покрај тоа, ОН ги повикуваат земјите членки да ја подобрат безбедноста на патиштата, да преземат мерки за осигурување на безбедноста на пешаците и велосипедистите и да планираат транспортни инфраструктури.
Употребата на велосипедите е значајна во намалувањето на влијанието на зголемената потрошувачка на фосилни горива во светот, а исто така има придобивки и за здравјето на луѓето.
Според Светската здравствена организација (СЗО), возењето велосипед го намалува ризикот од срцеви заболувања, карцином, дијабетес, а исто така може да се користи како превозно средство за тие што не можат да купат автомобил.
– Светски градови со најголем број љубители на велосипедот –
Германската компанија „Која“ („Coya“) направи попис на градовите кои биле „најголеми пријатели на велосипедот во 2019 година“.
При подготовката на списокот предвид беа земени климатските услови, стапката на возење велосипед, безбедноста, инфраструктурата, можностите за споделување и изнајмување на велосипеди и активностите на велосипед.
Според тоа, холандскиот град Утрехт се најде на првото место на ранг-листата, со 77,84 поени во 6 категории.
Утрехт, кој е домаќин на голем универзитет, има млада популација. Триесет и три проценти од сите патувања во градот се прават со велосипед, а градот има широка патека за велосипеди, како и паркинг-инфраструктура. Фактот дека градот има многу сонце и блага клима поради океанот исто така има значајна улога за да се најде овој град на врвот на листата.
По Утрехт следува германскиот град Минстер, белгискиот Анверс, данскиот Копенхаген и холандскиот град Амстердам.
Топ 10 листата е составена од европски градови, освен кинескиот град Хангџоу.
– Лагос е „најнепријателски“ град на велосипедот –
Според листата, „најнепријателски“ град на велосипедот е Лагос, главниот град на Нигерија, кој има 11,81 поени.
По Лагос следуваат градовите Меделин во Колумбија, Бангкок во Тајланд, Тбилиси во Грузија и Москва во Русија.