Светски ден на „Вранецот“ утре во Скопје

„Светскиот ден на вранецот 2019“ ќе се одржи утре, 5 октомври, во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје, со почеток од 12 часот.

По тој повод, Здружението „Вина од Македонија“ (Wines of Macedonia) организира настан, што е од исклучителна важност за винската индустрија во земјата, – Vranec World Day 2019.

„Вранецот“ е најзначајната и најпрепознатливата винска сорта во Македонија и оваа манифестација има за цел да ја постави на исто рамниште со останатите денови кога се слават интернационалните сорти ширум светот“, информираат од Здружението.

На свеченото отворање на утрешниот настан ќе се обратат, претседателот на Владата на на Македонија, г. Зоран Заев; министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Трајан Димковски; г-ѓа Сибил Сутер Тејада, амбасадор на Швајцарија во Република Северна Македонија и г. Светозар Јаневски, претседател на здружението „Вина од Македонија“.

На настанот ќе бидат присутни интернационални експерти за вино, регионални гости и медиуми, дипломатски претставници, производители на вина од сортата вранец од земјава и регионот, како и домашни љубители на вино.