Палатата на Европа од вчера е домаќин на официјалниот дел од Светскиот форум на демократијата, на кој главата тема е слободата на информирањето и борбата против лажните вести, на тема „Информации: демократија во опасност?“, а покрај официјалниот дел на кој учествуваат и претставници од Република Северна Македонија, неделникот „Куриер Интернасионал“ во партнерство со Градот Стразбур ја доделија наградата „Слободни пера за демократијата“, јави дописникот на МИА.
Покровител на наградата е Марјане Сатрапи, француско-иранска карикатуристка, сценаристка, режисерка и сликарка. Таа е авторка на автобиографскиот стрип Персеполис, кој се продаде во над еден милион примероци во Франција и е преведен на повеќе јазици. Нејзината филмска адаптација во 2007 година и ја донесе наградата на жирито на Канскиот филмски фестивал и два „Сезари“. По филмот „Пилешко со сливи“ и „Гласови“, Марјане Сатрапи подготвува нов филм, насловен „Радиоактивен“, за животот на Марија Кири и радиоактивноста.
Церемонијата на наградата „Слободни пера за демократијата“ се одржа во вторникот на 5 ноември во киното „Одисеј“ во Стразбур. Цртачот – карикатурист Патрик Шапат беше почесен гостин. Неговиот избор беше за да се покаже на заканите што ги демнат денешните карикатуристи (за да можат едноставно да ја вршат нивната професија), со што се сакаше да се предупредат читателите и граѓаните за состојбата на сатирата и карикатурата во светот.
За првото издание на оваа награда беа избрани 20 карикатури објавени во странскиот печат и објавени годинава (од јули 2018 до јули 2019 година) од „Куриер Интернасионал“. Исто така беа избрани и 27 цртежи објавени во текот на целата година во неделникот и на интернет страницата на весникот поврзани со прашања за демократијата.
Васко Гаргало, ја доби наградата на публиката за неговиот цртеж на Мариела Франко, бразилска политичарка убиена во Рио во 2018 година.
Цртежот „Невозможниот г-дин Трамп“, од Џон Качик, ја доби наградата на жирито за најдобар цртеж, објавен на насловната страна на Куриер Интернасионал со пропратната легенда: Невозможниот господин Трамп, по откритијата на Боб Вудвард за „лудилото на станарот на Белата куќа“.
Френклин Фуер ја доби наградата на жирито за статијата „Атлантик“ насловена „Добредојдовте во ерата на пост-реалноста“, анализа за дезинформациите што нè загрозуваат преку манипулацијата со видеа („длабоки удари“).