Светските агенции велат дека не се знае каде е Пригожин

Откако доцна ноќта од саботата кон неделата беше снимен како го напушта окружниот штаб на Јужниот воен округ во градот Ростов на Дон, на околу илјада километри јужно од Москва, во неделата не е познато каде се наоѓа шефот на приватната воена формација „Вагнер“, Егениј Пригожин, пренесуваат во неделата светските новински агенции.

Тешко вооружените, меѓу другото и со тенкови и оклопни борбени возила, борци на „Вагнер“ во текот на ноќта го напуштија Ростов и се враќаат кон нивните бази во Украина, откако во саботата го прекинаа движењето на нивната колона со околу 5.000 борци кон Москва за кое немаше обиди да биде запрено од руската војска, освен непотврдени информации за напад на борбени хеликоптери врз некои колони во јужнио регион Вороњеж. Пригожин објави дека тоа го сторил наводно за да не се пролее „братска крв“ меѓу Русите откако конвојот стасал на 200 километри од Москва, а по договор во кој посредуваше белорускиот претседател Александр Лукашенко.

Така за помалку од 24 часа без поголеми потреси освен драматични медиумски извештаи, беше завршена кризата со вооружениот бунт кој на Западот беше следен како „најголемиот предизвик“ за авторитетот на рускиот претседател Владимир Путин, особено по почетокот на руската инвазија во соседна Украина ланскиот февраури. Но по обраќањето до нација на Путин, кој според анкетите објавени во петокот сѐ уште ужива огромна доверба и поддршка од сонародниците од 78 отсто, а во кој го обвини Пригожин за предавство и заривање нож в грбот на Русија додека таа ги решава своите прашања на опстанок и потсети на сличните епизоди од руската историја, шефот на „Вагнер“ не доби ниту поддршка меѓу руските војници, ниту масовна кај граѓаните освен на помали групи во Ростов, а ниту политичка.

Останува отворено прашањето, поради тоа, што беше вистинската цел на „маршот на правдата“ кон Москва на Пригожин. Според неговите изјави, тој беше насочен против министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов, со кој со месеци наназад е во конфронтација обвинувајќи ги за некомпетентност во водењето на војната во Украина и за удари врз паравојската, сакаше да издејствува нивна смена и бараше нивно предавање. Тоа, очигледно во Кремљ го проценија како крајно неприфатливо, и според крајниот исход Путин се решил да застане на страната на своите генерали.

„Преголемите амбиции и личните интереси доведоа до предавство“, рече Путин во обраќањето до нацијата.

Пригожин, според договорот со Лукашенко со одобрение на Путин, треба да се пресели во Белорусија и против него ќе биде повлечена кривичната постапка поради кревање вооружен бунт и обид за предизвикување граѓанска војна. Исто така, ќе бидат амнестирани и борците на „Вагнер“ и ќе потпишат договори со Министерството за одбрана.

Повикувајќи се на снимките, британската агенција Reuters, наведува дека Пригожин последен пат е виден како во спортски теренец го напушта штабот на Јужниот воен округ во Ростов, но дека во неделата не е позната локацијата на која тој се наоѓа.

Француската новинска агенција AFP, пак, објави дека Пригожин мора да замине во Белорусија, но дека до неделата претпладнето, кога били предвидено тоа заминување не се знаело каде е шефот на „Вагнер“.

Борците на „Вагнер“ во неделата се повлечени и од регионот Вороњеж, исто така, блиску до границата со Украина, објавија регионалните власти, истакнувајќи дека повлекувањето како и нивниот престој таму минало без инциденти.

Атмосферата во руската престолнина Москва во неделата била мирна по завршувањето на кризата, како што опишуваат агенциите, со малку докази за зголемената безбедност на улиците. Поради претходно прогласениот антитерорстички режим во градот понеделник беше прогласен за неработен ден, а московските власти се решија да не ја повлечат оваа одлука и покрај стивнувањето на тензиите.

Чеченските специјални сили кои во саботата беа распоредени во регионот Ростов очекувајќи наредба да дејствуваат за запирање на движењето на борците на „Вагнер“, исто така се повлекле во неелата, извести руската новинска агенција ТАСС, цитирајќи го нивниот командант.

„Специјалните сили се враќаат на позициите каде што претходно се бореа“, рекол командантот Аптиј Алаудинов.