Светските берзи на рекордни нивоа во очекување на намалување на каматите

На светските берзи цените на акциите значително пораснаа минатата седмица, па многу берзански индекси достигнаа рекордно ниво, бидејќи инвеститорите веруваат дека централните банки на западните земји наскоро ќе започнат циклус на намалување на каматите.

Во текот на седмицата многу важни берзански индекси – од Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq до европскиот STOXX 600 до светскиот берзански индекс MSCI – достигнаа рекордни нивоа.

На Волстрит, индексот Dow Jones минатата седмица порасна за 2 отсто, на 39.475 поени, додека S&P 500 скокна за 2,3 отсто, на 5.234 поени, а индексот Nasdaq порасна за 2,9 отсто, на 16.428 поени.

Минатонеделниот состанок на челниците на американската централна банка беше во фокусот на инвеститорите. Очекувано, тие ги оставија каматните стапки непроменети во опсег од 5,25 до 5,50 отсто.

Сепак, инвеститорите беа охрабрени од потврдата на претходната проценка на шефот на Fed дека би можеле да ги намалат каматните стапки три пати оваа година, и покрај зголемената инфлација во САД во јануари и февруари. Претседателот на Fed, Џером Пауел, го потврди ова на прес-конференцијата.

Порастот на инфлацијата во првите два месеца „не ја промени целокупната слика, а тоа е дека инфлацијата, иако со пречки на патот, постепено се спушта кон целното ниво од 2 отсто“, посочи Пауел.

Ова ги охрабри инвеститорите кои стравуваа дека Fed ќе го одложи намалувањето на каматните стапки поради зголемената инфлација. Објавени се и нови прогнози на шефот на Fed, при што ја зголемија проценката за економскиот раст годинава од претходните 1,4 на 2,1 отсто.

На почетокот на минатата седмица пазарот на пари процени дека има 56 отсто шанси Fed да ги намали каматните стапки во јуни, но по состанокот на гуернерите на банката, тие шанси се искачија на повеќе од 70 отсто.

Во четвртокот инвеститорите беа пријатно изненадени од швајцарската централна банка, која неочекувано ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени на 1,5 отсто. Таа е првата голема централна банка која ги намали каматните стапки, по долгиот циклус на затегнување на монетарната политика, што на пазарот се гледа како прв сигнал дека борбата против инфлацијата во западните земји е речиси добиена.

Благодарение на сето ова, минатата недела пораснаа цените на акциите на повеќето европски берзи. Лондонскиот FTSE индекс зајакна за 2,6 отсто, на 7.930 поени, а франкфуртски DAX за 1,5 отсто, на 18.205 поени. Сепак, парискиот CAC ослабе за 0,2 отсто, на 8.151 поен.