Светските берзи пораснаа, во фокусот деловните резултати на компаниите

На светските берзи цените на акциите пораснаа минатата седмица, затоа што инфлациските притисоци во западните земји постепено се намалуваат и поради тоа што голем број компании и банки објавија подобри од очекуваните квартални деловни резултати.

На Волстрит, индексот Dow Jones минатата недела порасна за 2,1 отсто, на 35.227 поени, додека S&P 500 зајакна 0,7 отсто, на 4.536 поени. Индексот Nasdaq ослабе, пак, за 0,6 отсто, на 14.032 поени.

Инвеститорите минатата недела беа фокусирани на деловните резултати на компаниите и банките. „Morgan Stanley“, „Bank of America“, „Goldman Sachs“, „US Bancorp“ и голем број други банки објавија подобри квартални оперативни резултати од очекуваните.

Поради тоа, индексот S&P 500 на банкарскиот сектор силно порасна и достигна највисоко ниво од почетокот на март, кога секторот го потресе колапсот на неколку банки.

Опкружувањето со покачени каматни стапки, стабилен пазар на труд и економски раст го фаворизира бизнисот на банките.

„Сите банки кои досега ги објавија своите резултати остварија поголема добивка и поголеми приходи од очекуваните. Аналитичарите ги намалија проценките, па банките можеа позитивно да изненадат“, објаснува Тим Гриски, стратег во „Ingalls & Snyder“.

Од друга страна, индексот Nasdaq падна минатата недела бидејќи инвеститорите беа разочарани од деловните резултати на неколку технолошки гиганти, како „Netflix“ и „Tesla“

„Вестите од Netflix и Tesla не се крај на светот, но им дадоа причина на инвеститорите да се запрашаат дали требало да ги купат овие акции по толку високи цени. Затоа, дел од инвеститорите решија да повлечат пари од овие акции“, вели Кен Полцари, партнер во „Case Capital Advisors“.

Досега повеќе од 80 компании од индексот S&P 500 ги објавија своите деловни резултати, а повеќето од нив ги надминаа проценките на аналитичарите во однос на заработката. Во анкетата на Reuters, аналитичарите проценуваат дека заработката на компаниите од индексот S&P 500 паднала за околу 8 отсто во вториот квартал во споредба со истиот период минатата година. На почетокот на месецот се очекуваше пад на заработката од 5,7 отсто.

Пазарот е поддржан и од надежта на инвеститорите дека се ближи крајот на циклусот на зголемување на каматните стапки, со оглед на тоа што инфлаторните притисоци се намалуваат со месеци. На состанокот во јуни, челниците на американската центракна банка Federal Reserve (Fed) ги оставија каматните стапки непроменети додека не се види како сегашното заострување на монетарната политика ќе влијае на економијата и на инфлацијата.

Аналитичарите сметаат дека Fed на седницата следната седмица ќе ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени. Тоа може да биде последното зголемување во овој циклус.

И на европските берзи цените на акциите пораснаа минатата седмица. Лондонски FTSE скокна за 3,1 отсто, на 7.663 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,4 отсто, на 16.177 поени, а париски CAC 0,8 отсто, на 7.432 поени.