Светските цени на прехранбените производи значително паднаа во јули, под влијание на падот на цените на житариците и растителното масло, објави денеска Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО).
Откако го достигнаа највисокото ниво во март по почетокот на руската инвазија на Украина, индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи промените на меѓународните цени на кошницата со основни производи, падна за 8,6 отсто во јули во однос на претходниот месец, што претставува четврти по ред пад на цената.
Сепак, тие сѐ уште се на високо ниво и во јули беа на 140,9 поени на индексот на ФАО, што е зголемување од 13,1 отсто на годишна основа, во однос на јуни 2021 година, наведува агенцијата.
Главниот економист на ФАО Максимо Тореро Кален го поздрави падот, особено во однос на пристапот до прехранбени производи. Сепак, тој предупреди дека бројни ризици сè уште ја загрозуваат светската безбедност на храната, како што се рецесијата или зголемените цени на житото и нивното потенцијално влијание врз производството и егзистенцијата на земјоделците, пренесува Бета-Франс прес.
Индикаторот на ФАО за растителни масла падна во јули за 19,2 отсто, на најниско ниво во последните 10 месеци, под влијание на падот на цените на сите масла и на суровата нафта.
За падот на цените придонесоа големото количество на расположливо палмово масло за извоз во Индонезија и добрата жетва на маслодајна репка, заедно со намалената побарувачка за извоз на сончогледово масло, чиј главен производител е Украина, чија цена забележа значителен пад.
Показателот на ФАО за житни култури падна за 11,5 отсто, како реакција на постигнатиот договор меѓу Украина и Русија за деблокирање на главните пристаништа во Црното Море.
Од потпишувањето на тој договор на 22 јули, првиот брод „Разони“ ја напушти Одеса во понеделникот, по пет месеци целосна блокада во украинските пристаништа. Уште три брода со жито ја напуштија Украина денеска, рече Турција, која го надгледува извозот.
Индикаторот на ФАО, исто така, покажа дека цените на шеќерот паднале за 3,8 отсто, врз основа на падот на цените на етанолот што предизвика Бразил во јули да произведе повеќе шеќер од предвиденото. Изгледите за поволно производство во Индија, исто така, придонесоа за овој пад на цените на шеќерот и обезбедија противтежа на стравувањата за европското производство на шеќерна репка.