Свинскиот грип „покоси“ 100 лица во Грција. Уште шест лица ги загубија животите поради вирусот H1N1, со што бројката на починати од свински грип кај нашиот јужен сосед се искачи на 100 лица во последните шест недели, пренесува „Грик рипортер“.
Според Хеленскиот Центар за контрола на болести и превенција во последните 24 часа се јавиле нови 102 случаи, од кои 30 се деца. Вкупно 92 лица од новите случаи се на апарати, а десетина други се во болниците. Околу 110 лица се на одделенијата за интензивна нега, а досега вкупно биле третирани 320 пациенти.
Според експертската јавност во Грција, вирусот сеуште е на високо ниво, а најчесто ги погодува постарите лица, децата и тинејџерите. Се очекува дека бројот на заболени ќе се намали во следните месеци.