СВР Тетово апелира граѓаните да не палат огнови, казните за пожар се ригорозни

Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до граѓаните да бидат внимателни ако се движат или ако работат во поле и низ шуми и да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите, како и да не фрлаат неизгаснати догорчиња и отпушоци.

-Покрај ова, на оние кои деновиве ги чистат нивите им се укажува да се воздржат од палење огнови, кои неизгаснати брзо можат да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и материјални и други последици од поголеми размери, на околни ниви, објекти и слично. Во спротивно, тие што од невнимание или намерно ќе предизвикаат пожар ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со соодветни пријави и затворски казни кои се движат од 6 месеци до 5, односно 8 години, зависно од видот на пожарот, околности и крајните последици, појаснува портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Секторот за внатрешни работи Тетово деновиве презема координирани превентивни и други мерки, навреме да се пресретнат можните причини за пожари, особено во полето каде и се најчести овој месец, а ќе бидат засилени и планираните контролни активности на поширокото подрачје, соопштија од таму.