Цените на златото достигнаа нов рекорд во средата под влијание на шпекулациите дека американската централна банка Федералните резерви (Federal Reserv – Fed) може да ги намали клучните каматни стапки, а дополнителен поттик беше трендот на зголемени набавки од страна на централните банки.
Цената на унца злато на физичкиот пазар порасна за 0,2 отсто, на 2.473,59 долари. Накратко достигна нов рекорд од 2.482,29 долари. На американскиот пазар фјучерсите на златото се тргуваа по 0,4 отсто повисока цена, по 2.478,75 долари за унца.
Трговците се свртеа кон злато бидејќи се загрижени за забавувањето на кинескиот економски раст. Во вториот квартал, кинескиот бруто домашен производ (БДП) порасна за 4,7 отсто во споредба со истиот период минатата година, објави во понеделникот кинеското биро за статистика, со континуиран пад на пазарот на недвижности и слаба лична потрошувачка. Во првите три месеца од годинава е зголемен за 5,3 отсто.
Пазарите, исто така, шпекулираат дека американската централна банка наскоро би можела да ги намали клучните каматни стапки, бидејќи потрошувачките цени паднаа на месечна основа во јуни првпат од почетокот на пандемијата на коронавирусот пред три години. Во таквиот амбиент, американскиот долар ослабе.
Федералните резерви на САД би можеле да ги намали клучните каматни стапки за најмалку четвртина процентен поен на состанокот во септември, шпекулираат трговците, според FedWatch Tool дизајнирана од советодавната фирма CME.
Претседателот на Fed, Џером Пауел, во понеделникот рече дека трите податоци за инфлацијата во вториот квартал се „донекаде смирувачки“ дека темпото на раст на цените постојано се враќа на целните нивоа, што може да се толкува како сигнал дека тие се подготвуваат да ги намалат трошоците за задолжување.
„Се чини дека е сосема јасно дека Банката на федерални резерви има намера да ги намали каматните стапки во септември“, смета Алекс Ебкаријан, а тоа, според него, во моментов е „катализатор“ што ги зголемува цените на златото. Централните банки во исто време купуваат повеќе злато, што вообичаено се нарекува „дедоларизација“, додава Ебкаријан.
Побарувачката на западните пазари, геополитичките ризици и можните закани од рецесија би можеле да ја зголемат цената на златото на 2.600 до 2.700 долари за унца во втората половина од годината, проценува тој.