СЗО без коментар за лекот „ремдесивир“, Американците го фалат

Експерт на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) за вонредни состојби одби во средата да ги коментира извештаите дека лекот „ремдесивир“ би можело да се покаже успешен во лекувањето на болеста Covid-19, заболувањето на респираторниот систем кое го предизвикува новиот тип коронавирус.

„Не би сакал ништо посебно да коментирам, бидејќи не ги проучив детално за ‘ремдесивирот’. Но се надевам дека овој лек, како и многу други, може да се покажат успешни во лекувањето на Covid-19“, изјави Мајк Рајан и додаде дека „ремдесивир“ е еден од лековите кои се испитуваат и оти смета дека е потребно да се сочека на многу повеќе податоци.

Кон крајот на април Кина објави дека нивното истражување покажало дека лекот не бил успешен во третирањето на Covid-19, а нивниот документ, како што тогаш пренесе BBC, Светската здравствена организациа „случајно“ го објавила. СЗО, имено, ги објавила деталите за клиничките испитувања во својата база на податоци, а потоа тие биле отстранети.

Малку претходно во средата американскиот произведувач „Gilead Science“ објави дека неговиот експериментален противирусен лек „ремдесивир“ ги ублажил симптомите кај пациенти заболени од Covid-19, кои лекот го добиле рано, повеќе отколку кај оние кои го добиле подоцна.

Веднаш потоа беше забележан скок на вредноста на акциите на „Gilead Science“ за дури 9 отсто, според податоците од берзите на агенцијата Reuters.

Во истражувањето коешто го спровеле во „Gilead Science“, 62 отсто од пациентите лекувани со „ремдесивир“ во раната фаза од болеста биле отпуштени од болница, во однос на 49 отсто пациенти кои лекот го добиле подоцна.

Со истражувањето биле опфатени 397 пациенти, а биле следени безбедноста и ефикасноста на лекувањето со „ремдесивир“ во период од пет и до десет дена при хоспитализација на пациентите кои имале тешки симптоми на Covid-19.

Во средата и највисоко рангираниот американкси експерт за заразни болести Ентони Фаучи ги поздрави резултатите од студијата за лекот „ремдесивир“, за кој рече дека е „многу важен доказ на концептот“ дека „лекот може да го блокира вирусот“.

Појасни дека лекот го запира ензимот кој го користи вирусот. Податоците покажуваат дека „ремдесивир“ може да има јасен позитивен ефект во намалување на времето за оздравување, рече Фаучи, еден од водечките медицински научници во САД, имунолог и специјалист за заразни болести.

Истражувањето го финансирала агенцијата со која раководи Фаучи – Националниот институт за алергии и заразни болести (NIAID) во кое биле вклучени над 1.090 лица болнички згрижени.