СЗО ги почна разговорите со Русија – секоја вакцина мора да помине исти клинички испитувања

Канцеларијата на Светската здравствена организација за Европа објави дека започнала разговори со властите во Русија со цел да се добијат повеќе информации за вакцината против Ковид- 19, која неодамна беше одобрена во таа земја.

Минатата недела Русија беше прва на светот што ја лиценцираше вакцината Ковид -19, но вакцината сè уште не ги помина вообичаените напредни фази на тестирање потребни за да се потврди ефективноста на која било вакцина пред лиценцирањето, а руските власти соопштија дека обезбедува траен имунитет, но не понудиле докази за тоа.

Службената канцеларија на СЗО за Европа, Кетрин Смолвуд изјави дека започнале директни разговори со Русија за вакцината и дека претставниците на СЗО ги известиле нивните соговорници какви чекори и информации ќе бидат потребни за организацијата да направи соодветни проценки.

Директорот на канцеларијата на СЗО за Европа, Ханс Клуге изјави дека организацијата го поздравува секој вид напредок во областа на развојот на вакцините, но дека секоја од нив мора да биде подложена на истите клинички испитувања.