Наставниците и вработените во училиштата треба да добијат приоритет за вакцини против Covid-19, бидејќи училиштата мора да останат отворени за учениците, соопштија Светската здравствена организација (СЗО – WHO) и УНИЦЕФ.
Мерките за да се осигури дека училиштата можат да останат отворени „вклучуваат нудење на наставниците и другите вработени во училиштата вакцина против Ковид-19 како дел од целните групи на население во националните планови за вакцинација“, наведуваат агенциите на ОН во соопштението.
Додека училиштата се отвораат по летните одмори, агенциите наведуваат дека е „од витално значење учењето во училница да продолжи непречено“, и покрај ширењето на позаразната варијанта Делта на коронавирусот.
„Ова е од огромно значење за образованието на децата, менталното здравје и социјалните вештини, за училиштата да помогнат со цел нашите деца да бидат среќни и продуктивни членови на општеството“, нагласи директорот на европскиот регион на СЗО, Ханс Клуге.
„Пандемијата го предизвика најкатастрофално нарушување во образованието во историјата“, додаде тој.