СЗО: Новиот вид на Ковид-19 не е надвор од контрола, се применуваат истите превентивни мерки

Светската здравствена организација (СЗО) во понеделникот објави дека новиот вид коронавирус откриен во Велика Британија, за кој се покажа дека се шири побрзо од претходната варијанта, „не е надвор од контрола“.

„Имавме R0 (стапка на репродукција на вирусот) многу поголема од 1,5, па затоа ја ставивме под контрола. Значи, оваа ситуација не е надвор од контрола во таа смисла#, изјави службеникот за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан на прес-конференција во Женева.

Според СЗО, лице кое ќе се зарази со новиот вид на коронавирус, инфицира во просек уште 1,5 луѓе, додека тој број во Велика Британија е 1,1 за претходно познатите варијанти на вирусот.

Марија Ван Керхове, техничка раководителка на СЗО за Ковид-19, истакнала дека новиот вид на коронавирус, иако позаразен, не предизвикува потешки форми на болеста или повеќе смртни случаи, повикувајќи се на британски анализи.

СЗО исто така објави дека наскоро очекува повеќе детали за можното влијание на новиот многу заразен вид на коронавирус, додека голем број земји ги забранија летовите од и кон Велика Британија од страв од негово ширење.

СЗО објави дека новиот вид што ја вознемири Велика Британија е пронајден и кај лица во Австралија, Исланд, Италија и Холандија, како и дека има неколку случаи во Данска, пишува агенцијата „dpa“.