10.8 C
Skopje
среда, јануари 29, 2025

СЗО порача и постарите од 65 години може да ја користат вакцината на АстраЗенека

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека вакцината на АстраЗенека треба да им се дава и на лица над 65 години.

Експертите на СЗО велат дека вакцината на АстраЗенека треба да се користи и во земјите каде циркулираат варијанти на коронавирусот што ја прават вакцината помалку ефикасна, како што е Јужна Африка.

Поголемиот интервал помеѓу двете дози на вакцината на AstraZeneca ја прави поефикасна, велат експертите на СЗО, додавајќи дека интервалот помеѓу две дози треба да биде 8-12 недели, пренесува Ројтерс.

Стратешката група на специјалисти за имунизација на СЗО, попозната како САГЕ, ги разгледала податоците собрани во клиничките испитувања на вакцината на АстраЗенека.

Нивните привремени препораки велат дека вакцината има ефикасност од 63%.

Но, податоците од клиничките испитувања во Јужна Африка велат дека вакцината нуди „минимална заштита“ од благи и умерени форми на ковид-19. Имено, варијанта на вирусот што циркулира во таа земја мутирал на начин што му помага на вирусот да избегне создавање имунитет.

Научниците од Оксфорд, кои беа вклучени во развојот на вакцината на АстраЗенека, очекуваат дека оваа вакцина треба да ги спречи вакцинираните лица да добијат потешки симптоми на ковид-19 или да завршат во болница.

„Нема причина зошто употребата на вакцината AstraZeneca да не се препорачува во земјите каде кружат нови варијанти на коронавирусот“, рече др. Алехандро Кравиото, директор на експертската група на СЗО.