СЗО предупредува: Доаѓа бура од омикрон

Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, денеска ги повика сите влади во Виена да се подготват за „значително зголемување“ на бројот на заразени со сојот омикрон, кој веќе доминира во неколку земји.

„Можеме да видиме како се приближува уште една бура“, рече Клуге на прес-конференција, додавајќи дека за неколку недели, омикронот ќе доминира во многу земји, туркајќи ги веќе затегнатите здравствени системи на работ, објави АП.

Според него, сојот омикрон е откриен во најмалку 38 од 53 европски земји, а доминантен е во Велика Британија, Данска и Португалија.

Минатата недела, 27.000 луѓе починаа од коронавирусот во Европа, додека беа пријавени 2,6 милиони случаи на инфекција, рече Клуге. Тој додаде дека новозаразените се заразени со сите варијанти на Ковид-19, не само омикрон и дека вкупниот број е за 40 отсто поголем од истиот период лани.

„Големиот број нови инфекции со корона вирусот може да доведе до зголемување на хоспитализирањата и големи нарушувања во здравствените системи и другите критични услуги“, рече Клуге.

Тој рече дека во Европа, 89 отсто од луѓето со потврден вид омикрон пријавиле симптоми вообичаени за другите варијанти на коронавирусот, како што се кашлица, болки во грлото, треска, и додаде дека овој сој е најчест кај младите на возраст од 20 до 30 години.

Иако многу останува непознато за омикронот, Клуге рече дека се чини дека е позаразен од претходните соеви што доведува до „стапка на пренос без преседан“ во земјите со значителен број случаи на омикрон. Во нив, наведе, бројот на заразени со омикрон се удвојува на секои 1,5 до 3 дена.

-Европските влади мора да продолжат да ја засилуваат кампањата за вакцинација, да воведат дополнителни мерки за забавување на ширењето на вирусот, но и да подготват критична инфраструктура, како што се здравствените системи, за претстојното зголемување, заклучи Клуге.