СЗО: Се наоѓаме во одлучувачки момент, мора брзо да се дејствува

Коронавирусот е во „одлучувачки момент“ на глобално ниво, изјави шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус, барајќи од погодените држави „да дејствуваат брзо“ за да го спречат ширењето на болеста.

„Се наоѓаме во одлучувачки момент“, рече Тедрос пред новинарите во Женева.

Повикувајќи ги земјите што се во раните фази на епидемија на ковид-19 „брзо да дејствуваат“, тој додаде: „Ако сега дејствувате агресивно, можете да го спречите ширењето на овој вирус, можете да спречите луѓето да се разболуваат, можете да спасите животи“.

„Се чини дека нема масовно пренесување во рамките на заедниците“, додаде тој.

Тедрос истакна дека сите земји треба да се осигурат дека нивните здравствени системи се подготвени за појава на епидемија. „Ние, всушност, сме во многу деликатна ситуација, кога епидемијата може да отиде во која било насока, во зависност од тоа како ќе се справуваме со неа“, рече тој.