СЗО смета дека е малку веројатно омикрон да биде последната варијанта на коронавирусот

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) не верува дека омикрон ќе биде последната варијанта на коронавирусот SARS-CoV-2, изјави во четвртокот на брифингот со новинарите директорот на програмата за идни случаи при организацијата, Мајкл Рајан.

„Би сакал (да беше последната варијанта), но ми се чини дека тоа е малку веројатно во моментов. Гледаме висока стапка на инфекции и висока стапка на пренесување на омикрон. Има и големи проблеми со иминузацијата, милијарди луѓе ширум светот сѐ уште не се вакцинирани“, изјавил Рајан.

Стручњакот на СЗО изразил жалење што сѐ уште постојат „многу можности“ за ширење на вирусот и појава на нови мутации.

„Се надеваме дека тоа нема да се случи, но во моментов (во светот) не вложуваме доволно напори да го спречиме таквиот развој на настаните“, додал Рајан.

Шефот на клиничкиот менаџмент на СЗО, Џенет Дијаз, кажал дека претходните студии покажале дека постои намален ризик од хоспитализација поради омикрон во споредба со делтата сојот.

„Опасноста е помала, и за младите и за постарите“, додал Дијаз.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, изјавил дека сојот омикрон не треба да се смета за „благ“, бидејќи негативните рекорди паѓаат низ целиот свет, здравствените системи се преплавени и владите се обидуваат да го „скротат“ вирусот, кој досега усмрти повеќе од 5,8 милиони лица на планетата.

„И сојот, што е означен како IHU, првпат регистриран во 2021 година, исто така, е сој што СЗО го следи, но не циркулира низ целиот свет“, додала техничката директорка на СЗО, Марија ван Керхов.

И таа предупредила дека омикрон сојот нема да биде последната варијанта на коронавирусот.

„За жал, омикрон нема да биде последната варијанта, вирусот продолжува да се развива“, нагласила Керхов.

Во својот неделен извештај, СЗО соопшти дека бројот на случаи во неделата до 2 јануари скокнал за 71 отсто во споредба со претходната недела, на 9,5 милиони, додека стапката на смртност паднала за 10 отсто на 41.000