СЗО смета дека ширењето на коронавирусот може да се запре, службениот назив COVID-19

Светската здравствена организација (СЗО – WHO|) смета дека постои „реална шанса да се запре“ ширењето на новиот коронавирус, кој од денеска го има офијцалното име COVID-19, кој претставува многу сериозна глобална закана, пренесуваат во вторникот светските новински агенции.

„Ако сега преземеме напори, имаме реални шанси да ја запреме оваа епидемија“, изјави шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на прес-конференцијата во Женева, каде е седиштетот на организацијата.

Објави, исто така, дека новиот коронавирус сега се вика COVID-19, откако го имаше привремениот назив 2019-nCoV. Името е одбрано за да биде лесно за изговарање, и притоа да се избегне стигматизацијата, споменување на одредена земја или население, додаде.

Гебрејесус, исто така, објасни дека „co“ значи корона, „vi“ вирус, а дека „d“ е избрано поради „desease“, заболување/болест на англиски. Бројката „19“ ја означува годината на појавување на новиот сој коронавирус, односно 2019 година.

Околу 400 научници од целиот свет се собраа во вторникот на дводневната конференција под покровителство на СЗО за да се интензивира борбата против оваа болест.

Коронавирусот кој усмрти повеќе од илјада луѓе во Кина претставува „многу сериозна закана за остатокот од светот“, појасни Гебрејесус најавувајќи дека првата вакцина може да биде достапна за 18 месци.

Ги повика земјите да бидат „агресивни колку што е можно“ во борбата против овој вирус, кој го нарече „непријателот број еден“. Но, според него, „загрижува“ тоа што во Франција и во Велика Британија се појавија случаи на новиот коронавирус односно појави на зараза од човек на човек, иако претходно не патувале во Кина.

Само во понеделникот починаа уште 103 лица во централната кинеска провинција Хубеи, а бројот на мртвите во континентална Кина се искачи на 1.106 луѓе. Најновите податоците за вторникот се очекуваат околу полноќ по македонско време. Меѓутоа бројот на новите случаи на зарази е намален за речиси 20 отсто во однос на неделата, од 3.062 на 2.478 заразени. Надвор од Кина се потврдени 319 случаи на инфекцијата со вирусот во вкупно 24 земји во светот.

 

Кси порача дека напорите даваат резултати

Кинескиот претседател Кси Џинпинг изјави во вторникот дека работата на превенцијата и контролата на новиот коронавирус дава позитивни резултати, како и дека Кина ќе ја добие битката против вирусот, иако ситуацијата во еден од најпогодените градови Хуанганг сѐ уште е сериозна

„Кина ќе биде уште поуспешна, кога ќе го победи вирусот“, изјави Кси, пренесоа во вторникот кинеските државни медиуми.

Во градот Хуанганг, еден од најпогодените од епидемијата, ситуацијата е сѐ уште сериозна и има недостиг од медицински препарати, лекови и опрема, изјави на прес-конференција Лиу Ксуеронг.

„Во овој момент ситуацијата во градот сѐ уште е сериозна. Ќе ја зголемиме проактивнсота и сигурно ќе ја сузбиеме епидемијата“, рече Лиу. Додаде дека сериозен проблем претставува ширењето на вирусот во руралните области.

Хуанганг се наоѓа исто така во провинцијата Хубеи, недалеку од Вухан – епицентарот на епидемијата кон крајот на ланскиот декември. Тој е и вториот кинески град според бројот на смртните случаи по Вухан. Во Хуанганг починале 52 лица, а заразени се 2.332 лица.

 

Поради коронавирусот сменети функционери

Властите на Хубеи ги смениле шефот и секретарот на провинциската Комисија за здравство, Жанг Џин и Лиу Јенгзи, откако бројката на починатите мина 1.000. Наместо нив со кризата во Хубеи ќе се справува заменикот на директорот на кинеската Национална комисија за здравство, Ванг Хешинг. Заменикот на директорот на покраинскиот Црвен крст, исто така, беше претходно сменет поради „занемарување на должноста“.

 

Удар за туризмот

Епидемијата ги загрози патувањата и туризмот во Кина, и им нанесе штети на компаниите кои работат со оваа земја. Патничкиот крстосувач „Diamond Princess“, на кој има и тројца македонски државјани, останува во карантин во јапонското пристаниште Јокохама, каде што се наоѓа веќе една седмица. На него потврдени 135 случаи, а сите заразени се префрлени во болниците.

Властите на Тајланд ги забраните вкотвувањето на луксузниот патнички крсосувач „Holland America“, иако нема потврдени случаи на зараза на бродот. Премиерот Прајат Чан-о-ча изјави во вторникоте дека владата нема да му дозволи пристанување и на крузерот „Westerdam“ со 1.455 патници и 802 членови на екипажот, поради страв од ширење на коронавирусот, но оти ќе им пружи хуманитарна помош и снабдување со храна, пијалаци и лекови.