СЗО: Смртноста од Ковид-19 е намалена за 95 отсто

Според СЗО, вирусот нема да исчезне наскоро и земјите ширум светот мора да научат како да управуваат со неговите последици надвор од итните ситуации.
Тедрос Аданом Гебрејесус, директор на СЗО, додаде дека секоја десетта инфекција има симптоми на долготраен ковид, што значи дека на стотици милиони луѓе би можело да им треба долготрајно лекување.
Сепак, „оптимизмот го црпиме од континуираниот пад на бројот на пријавени смртни случаи поврзани со ковид, кои се намалени за 95 проценти од почетокот на оваа година“, истакна тој на прес-конференција.
„Но, во неколку земји вирусот повторно се шири и во последните четири недели починаа 14.000 луѓе“, рече тој.
Според него, како што покажува појавата на сојот XББ.1.16, „вирусот продолжува да мутира и сè уште е способен да предизвика нов бран на зараза и смрт“.
Марија Ван Керхове, која е задолжена за борбата против ковид во СЗО, рече дека сојот XББ и неговите подваријанти сега се распространети ширум светот.
Шефот на СЗО уште еднаш нагласи дека неговата организација не губи надеж да прогласи крај на вонредната состојба во јавното здравство поради ковид-19. Следниот квартален состанок на СЗО на оваа тема треба да се одржи во мај.