СЗО: Вирусот веројатно минал на луѓето од лилјак преку некое животно

Меѓународната експертска комисија, којашто престојуваше во централниот кинески град Вухан, заклучи дека е многу веројатно дека патогенот на Covid-19 минал од лилјаци на луѓето преку некое друго животно, истовремено речиси целосно исклучувајќи ја можноста дека вирусот „побегнал“ од некоја лабораторија.

Стручниот тим тезата за „посредниот домаќин“ на вирусот ја оцени како „многу веројатна“, додека за тезата за „бегството“ на вирусот од некоја лабораторија напишал дека е „извонредно малку веројатна“, во долгоочекуваниот извештај на тимот на Светската здравствена организација (СЗО – WHO), чиј примерок го имала на увид француската новинска агенција AFP пред неговото службено објавување.

Извештајот на меѓународната мисија во Вухан со голем интерес се очекува од заминувањето на тимот од Кина пред повеќе од еден месец. Одложувањето на објавите на заклучоците, изработени во соработка со кинеските стручњаци, се припишани на проблемите во координацијата и преводот, додека во заднината се одвиваше дипломатската војна, главно меѓу САД и Кина, околу содржината на овој извештај.

На конференцијата за медиумите во Вухан на 9-ти февраури, на крајот од престојот на меѓународните експерти во Кина, членовите на овој тим и претставниците на кинеската страна јасно рекоа дека не можат сѐ уште да извлечат некои цврсти заклучоци. Но тогаш рекоа дека работеле на рангирањето на бројните тези според нивната веродостојност.

 

Алката што недостига

Експертите веруваат дека новопојавениот коронавирус SARS-CoV-2, кој ја предизвикува болеста Covid-19, потекнува од лилјаците.

Една од анализираните можности била дека вирусот директно минал од лилјак на човек. Според конечниот извештај на експертскиот тим, таа хипотеза е „можна до веројатна“.

Според експертите, од ова сценарио поверојатно е дека вирусот од лилјаците минал на некое друго животно кое потоа ги заразило луѓето.

„Иако најсродните вируси се откриени кај лилјаците, се проценува дека еволуциската дистанца меѓу тие вируси и вирусот SARS-CoV-2 е неколку децении, што упатува на отсуство на алката“, се наведува во извештајот.

„Сценариото за посреден домаќин го сметаме за веројатно до многу веројатно“, се додава во извештајот, но притоа не се појаснува кое животно би можело да ја има таа улога во пренесувањето на вирусот од лилјак на човек.

Извештајот не ја исклучил замрзнатата храна како пат на преносот на вирусот, а станува збор за често посочуваната теза од страна на Кина, бидејќи се чини дека вирусот може да преживее температури под нулата. Покрај тоа, такви случаи на коронавирус во смрзната храна беа откриени на пазар во Пекинг и на Нов Зеланд.

„Внесувањето преку студени/прехранбени канали се смета за можно“, пишува во извештајот чиишто делови цитира AFP.

На крајот извештајот ја анализира и идејата за „бегство“ на вирусот од некоја лабораторија, на пример од Институтот за вирологија во Вухан, што е теорија којашто ја застапуваше поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата админстрација, но се чини и оти новата администрација од Вашингтон докрај не се повлекува од оваа теза.

Во извештајот се наведува дека нема ниеден запис за постоење на некој вирус сличен на вирусот SARS-CoV-2 во која и да е лабораторија пред декември 2019 година и се истакнува дека во лабораториите во Вухан на сила се високи безбедносни стандарди.

„Лабораторија како извор на пандемијата се смета за извонредно малку веројатно“, пишува во извештајот.