Тајфунот Муифа ја погоди Кина, над милион евакуирани

Силни ветрови и обилни дождови го погодија во четвртокот источниот брег на Кина, а тајфунот Муифа предизвика и превентивна евакуација на повеќе од милион луѓе и откажување на летовите во Шангај.

Засега нема објавени податоци за евентуални жртви, повредени или поголеми материјални штети, главно затоа што биле преземени опсежни превентивни мерки.

Муифа е најмоќниот тајфун кој го погодил Шангај, најнаселениот кинески град со 25 милиони жители, од 1949 година, објави јавната телевизија CCTV.

Поради опасноста од поплави или оштетувања на домовите, повеќе од 400.000 жители на Шангај превентивно се евакуирани, како и 1,26 милиони луѓе во соседната крајбрежна источна покраина Жеџијанг, според телевизијата.

Кинеските медиуми објавија снимки со припадниците на шангајската полиција во посебни жолти флоуросцентни униформи, како одат од врата до врата во старите населби, помагајќи во евакуацијата на жителите и нивно сместување во спортски сали.

Тајфунот Муифа удри на копното во Шангај ноќта кон четвртокот. Управата на двата главни градски аеродрома Пудонг и Хонгчијао, уште во средата вечерта најавија откажување на сите летови поради приближувањето на невремето. Вкупно се откажани 665 летови од мегалополисот, објави CCTV.

Тајфунот продолжува да се движи кон северот по должината на брегот на источна Кина. Во моментов се наоѓа над провинцијата Џиангсу, северно до Шангај. Неговата моќ „постепено ќе слабее“ со ветрови кои сега дуваат со „само околу 90 километри на час“, објави националната метеоролошка служба.