Таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон по петти пат избран на должноста со повеќе од 90 отсто од гласовите, покажуваат прелиминарните резултати објавени во понеделникот, ден по изборите на кои немаше никаков противник.
Државната изборна комисија објави дека 90,9 отсто од гласачите гласале за Рахмон, кој е на власт од 1992 година и кои со тоа си обезбеди уште седум години на чело на оваа поранешна советска република во централна Азија, и во којашто опозицијата е речиси исклучена од политичкиот живот. Одѕивот на гласачите бил околу 85 отсто.
Победата му овозможува на Рахмон да мине 30 години на власт и да стане челникот со најдолг стаж во некои од поранешните земји на Советскиот сојуз. Со тоа би го надминал рекордот на казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбаев, кој минатата година поднесе оставка, по речиси три децении на власт.
Покрај Рахмон, на претседателските избори учествуваа уште четворица кандидати, но единствената партија којашто се смета за опозиција, социјалдемократската, ги бојкотираше изборите.
Набљудувачите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), засега не пријавија нарушувања на изборниот процес, но досега не прогласија за регуларни ниедни избори во оваа земја.
Таџикистан е најсиромашната земја во централна Азија на поранешнито СССР. Има околу девет милиони жители, а стотици илјади од нив работат во Русија или во Казахстан.