Полицијата на североисточен Тајланд трага по сериски убиец на жени наречен од тамошните медиуми „тајландски Џек Мевосек“, кој неодамна предвремено бил ослободен од затвор заради примерно однесување, но според полицијата се вратил на старите навики, пренесува во вторникот интернет изданието на дневниот весник Bangkok Post.
Полицијата го сомничи Сомкит Пхумпхуанг, ослободен од затвор на условна казна во мај годинава, за брутално убиство на неговата 51-годишна љубовница. На местото на злосторството во домот на починатата во провинцијата Кхонкен полицијата пронашла биоматеријал на осомничениот и негови отпечатоци од прстите, меѓу другото и на оружјето со кое е извршено убиството – електричен кабел, како и неговиот мобилен телефон и документи за неговиот автомобил, дознава весникот.
Пхумпхуанг бил осуден на доживотен затвор во 2012 година под обвинение за убиства на шест жени извршени во 2005 година. Сите негови жртви работеле во индустријата за забава, во караоке барови, салони за масажа и „квартовите на црвените фенери“ во североисточните тајландски градови, и поради тоа по неговото апсење во 2005 година медиумите го нарекле „тајландскиот Џек Мевосек“. Бидејќи оригиналниот лондонски Мевосек од крајот на XIX век, убивал речиси исклучиво проститутки.
Во меѓувреме, тајландското правосудство донело амнестија и скусување на затворските казни за осудениците на доживотен затвор. Аместијата се прогалсува во Тајланд секоја година по повод родендените на кралот и кралицата, како и во врска со други важни настани поврзани со монархијата, како што се смртта на кралот и востоличување на нов монарх. Пхумпхуанг во затворот имал примерно однесување, поради што неговата казна доживотен затвор била заменета со 20-годишна казна, а потоа намалена на 14 години затвор. Така, во мај 2019 година серискиот убиец уапсен во 2005 година бил ослободен.
Според сознанијата на истрагата, Пхумпхуанг се запознал со неговата наводна нова жртва преку социјалната мрежа Facebook. Тој се претставил како адвокат кој работи на кривични дела во судовите во повеќе провинции во земјата. Кога двајцата се запознале започнала романсата, а според синот на починатата, кој одамна живеел одвоено од мајката, таа планирала во блиска иднина да се сретне со својат љубовник, пишува Bangkok Post.
Полицијата сѐ уште нема точни податоци за местото каде што се наоѓа осомничениот, пишува весникот повикувајќи се на извори од истрагата. Роден во јужната покраина Транг, Пхумпхуанг во родниот крај не се појавил десетици години. Се претпоставува дека се крие преправајќи се како монах во североисточниот дел на Тајланд. Полицијата е уверена дека ќе го приведе осомничениот во блиска иднина, пишува весникот.