Велика Британија е една од повеќето земји чиишто специјални воени сили активно дејствуваат во Украина, се наведува во еден од десетиците тајни документи на Пентагон кои протекоа на интернет и според нив го потврдуваат она што е предмет на шпекулации и континуирани обвинување од страна на Русија повеќе од една година.
Досиејата коишто протекоа, некои од нив означени како „тајна“ или „строго доверливи“, ја отсликуваат деталната слика на војната во Украина, вклучително и чувствителни поединости за украинските подготовки за долгонајавуваната украинска пролетна противофанзива, пренесуваат западните медиуми.
Медиумите, вклучително и британските BBC и The Guardian, известуваат дека во документот датиран од 23-ти март годинава се наведува дека дури 50 припадници на британските специјални сили се распоредени во Украина, заедно со припадници на специјалните сили на другите земји членки на НАТО.
Тоа оди во прилог на обвинувањата од Русија уште пред почетокот на нејзината инвазија во Украина на крајот од ланскиот февруари, дека редовни припадници на разни видови специјални родови војска на земји членки на НАТО наводно се пензионираат и се вклучуваат во украинските вооружени сили. Москва од почетокот на војната постојано известува за наводно присуство, особено на британски воени специјалисти во командни пунктови и диверзантски операции во руската заднина.
Според споменатиот документ, Обединетото Кралство има најголем контингент специјални сили во Украина – 50, а следат членките на НАТО, Латвија со 17, Франција – 15, САД – 14 и Холандија – 1. Во документот не се наведува каде тие сили се наоѓаат, ниту во какви борбени дејствија се вклучени.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски уште на вториот ден од руската инвазија го објави формирањето Странски легион и ги повика специјалците, главно од западните земји, да му се приклучат. Според последните податоци од минатото лето за Странскиот легион ги објави руското Министерство за одбрана, на украинското боиште се наоѓале дотогаш над осум илјади странски борци и платеници, од кои најбројни се со повеќе од третина Полјаците, кои имаат и најмногу жртви.
Бројот на странскиот воен персонал може да биде мал и без сомнение ќе варира, но специјалните сили по својата природа се многу ефикасни. Нивното присуство во Украина веројатно ќе го искористи Москва, којашто последните месеци тврдеше дека не се судира само со Украина, туку и со НАТО, наведува BBC.
Британската влада има политика да не ги коментира своите специјални сили, за разлика од другите земји, вклучително и САД, забележува Reuters.
Британија ја проблематизира веродостојноста на документите.
И додека Пентагон и американските истражни органи го истражуваат изворот на протекувањето и на ја коментираат содржината на документите, британското Министерство за одбрана порача дека наводите во американските доверливи документи „не треба да се земаат здраво за готово“. Во твит од вторникот наведе дека истекувањето на доверливите информации го покажало она што Лондон го нарече „сериозно ниво на неточност“.
„Читателите би требало да бидат внимателни во прифаќањето на наводите кои имаат потенцијал на ширење дезинформации“, објави на Twitter портпаролот на британското Министерство за одбрана, но не наведува на кои документи конкретно тоа би се однесувало.
Велика Британија, инаку, уште од превратот во Киев во 2014 година е една од најгласните во поддршката на Украина во спротиставувањето на Русија. А од почетокот на војната британското Министерство за одбрана на дневна основа објавува наводни разузнавачки податоци за состојбата на боиштето со континуирано тврдење дека Русија ја губи војната, но што се проценува како дел од пропагандната специјална војна против Москва.
Од друга страна, пак, медиумите ги цитираат функционерите на Пентагон кои велат дека документите се автентични. Се појавуваат и тврдења дека еден документ посебно, оној кој детално ги наведува загубите и бројот на жртвите на силите на Украина, и на двете страни, наводно е фалсификуван.
Во Москва во врска со овој случај се резервирани и, се чини, дека руската страна ја проценува автентичноста и доверливоста на податоците во документите како можно подметнување од страна на САД и НАТО. Американски власти, пак, не ја исклучуваат можноста дека документите се фалсификувани за да ги заведат истражителите или за да се шират лажни информации на штета на САД.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави дека Министерството за правосудство отворила кривична истрага и дека се решителни да го откријат истекувањето на информациите.
„Ќе продолжиме да истражуваме и ќе го превртиме секој камен додека не го пронајдеме изворот на тоа и вистинските димензии“, рече Остин.
Меѓутоа, Крис Миахер, портпаролот на Пентагон, повика на претпазливост во „проследувањето или ширењето на кој и да е од овие документи“, додавајќи дека наводно „се чини оти слајдовите се лажирани“.
Документите, можеби, првпат биле објавени на чатрумот Discord, платформа популарна меѓу играчите на видеоигри веројатно пред неколку седмици, според процените на американските медиуми. Но дури минатиот четврток кон петокот за нив пишуваше The New York Times откако неколку сетови од тие доверливи воени документи биле на 6-ти и 7-ми април откриени на платформите Twitter и Telegram.