– Министерот за надворешни работи на Тајван Џозеф Ву денеска во Прага изјави дека на Тајван му е потребна поддршката од европските земји за да се помогне во одржувањето на мирот во неговата земја и во Индо-пацифичкиот регион.
Тој го кажа ова на конференција за Кина организирана од чешки институт, која ја отвори чешкиот претседател Петер Павел.
Портпаролот на тајванското Министерство за надворешни работи, Џеф Лиу, рече дека ова е „првпат тајвански функционер да ја дели сцената со претседател на европска земја која нема дипломатски односи со Тајван“.
Тајванскиот министер за надворешни работи Ву рече дека Кина има амбиции да го прошири своето влијание и можеби нема да се ограничи само на Тајван.
– Мислам дека мораме да се обединиме за да ја ограничиме кинеската амбиција и да обезбедиме мир и стабилност во областа на Тајванскиот Теснец, рече Ву.
Тој одби да каже кои други земји планира да ги посети после Чешка.
Пред посетата на Ву, кинеското Министерство за надворешни работи ги повика европските земји „да се воздржат од поддршка на сепаратистичките активности на Тајван“.
Пекинг смета дека Тајван е составен дел од неговата територија и оти треба да биде реинтегриран во Кина.
Чешката Република, како и повеќето други земји, нема официјални дипломатски врски со Тајван и го признава „принципот на една Кина“, но одржува неформални контакти со Тајван.
Тајванските високотехнолошки компании се исто така значајни инвеститори во Чешка. јт/Фото:Твитер профил на тајванско МНР .