![kina dron nosac avioni](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/10/1659065428-62e3545495d9d.png?resize=644%2C390&ssl=1)
Тајван ја промени дефиницијата за она што се смета за „прв удар“, бидејќи Комунистичката партија на Кина ја променила тактиката, и сега ткн „црвена линија“ за евентуален воен судир нема да се смета артилериски удар, туку беспилотно летало во воздушниот простор на островот, изјави во вторникот тајванскиот министер за одбрана Чиу Гуоженг.
„Секогаш се залагавме за избегнување на војната… ја менуваме дефиницијата на ‘првиот удар’, бидејќи исто така Комунистичката партија на Кина ја менува (својата тактика). Претходно ‘првиот удар’ го сметавме нападот со користење артилериски гранати и ракети. Сега кинеските дронови непотребно ја минуваат границата, предизвикувајќи ни многу проблеми“, изјави Чиу Гуоженг во обраќањето пред Законодавниот јуан (тајванскиот парламент).
Поради тоа, истакна тајванскиот министер за одбрана, беспилотните летала кои навлегуваат во воздушниот простор на островот, ќе се сметаат за „првиот удар“.
Минатата седмица Чиу Гуоженг изјави дека Тајван дефинитивно ќе презема одмазнички мерки доколку кинеската војска ја мине „црвената линија“. Притоа истакна дека „продирањето на кинеските борбени авиони“ во тајванскиот воздушен простор, на оддалеченост од 12 наутички милји од брегот, ќе се смета за „првиот удар“, но не прецизираше какво ќе биде одговорот на Тајпеј.
Ситуацијата околу Тајван ескалираше по посетата на островот на претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот САД, Ненси Пелоси. Кина, која го смета островот за една од своите провинции, ја осуди посетата на Пелоси, гледајќи во овој потег поддршката на САД за тајванскиот сепаратизам и одржа големи воени вежби. Претходно во август, кинеската централна телевизија објави прилог во кој беше предупредено дека кинеската војска „редовно“ ќе спроведува вежби источно од таканаречената „централната линија“ на Тајванскиот теснец.
Кон крајот на август, тајванската војска прво отвори оган врз кинески беспилотни летала кои се приближија до островите Кинмен. Пред тоа, вооружените сили на Тајван беа ограничени на предупредувачки ракети и радио предупредувања.
Островите Кинмен се под управа на Тајван, но се наоѓаат поблиску до кинеската провинција Фуџијан. Во исто време, континентална Кина ги смета островите за дел од урбаната област Куанжу во провинцијата Фуџијан. Весникот South China Morning Post забележува дека од 1950-те, ниеден кинески воен авион на копното, вклучително и беспилотни летала, не прелетал над островите Кинмен, но по посетата на Ненси Пелоси, тајванската војска почнале да ги следат кинеските дронови кои латаат кон островите.