Тајван го продолжува воениот рок поради растечките закани од Кина

Тајван од 2024 година ќе ја продолжи задолжителната воена служба од четири месеци на една година, поради сѐ поголемата закана којашто ја претставува Кина, објави во вторникот претседателката Тцаи Инг-вен.

Овој потег е најавен во време кога зајакнува воениот, дипломатскиот и економски притисок на Пекинг врз Тајван, кого го смета за своја територија, како одговор на провокацијата од САД со испраќањето на островот на високо позиционирани функционери оваа есен, што претставува отстапување од децениските практики на Вашингтон во однос на односите со Кина.

Особено последните месеци, кинеската војска изведува масовни вежби со боеви гаѓања на морнарицата и артилеријата во непосредната близина на средишната линија на Тајванскиот теснец, кој е фактички линија на разграничување, и особено на воената авијација која навлегува во тајванската зона на воздушна одбрана.

Претседателката Тцаи изјави дека Тајван сака мирно, но дека мора да биде во состојба да се одбрани.

„Сѐ додека Тајван е доволно силен, ќе биде светско засолниште за демократијата и слободата, а нема да стане бојно поле“, изјави Тцаи на прес-конференцијата најавувајќи ја одлуката којашто ја опиша како „неверојатно тешка“.

Регрутите ќе имаат поинтензивни обуки, вклучително вежби на гаѓање, борбена обука којашто ја користат американските сили и користење со моќно оружје, вклучително противвоздушните ракети „Stinger“ и противтенковско вооружување, рече Тцаи.

Тајпеј, кој ги отфрла претензиите на Пекинг, во понеделникот извести за досега најголемиот упад на кинеските воздухопловни сили во тајванската зона за воздушна одбрана во која учествувале 43 воени авиони.