Тачи го покани Курти на средба и да се избере термин

Косовскиот претседател Хашим Тачи го покани премиерот Албин Курти на средба, во еден од термините кои ќе му одговараат во текот на денешниот ден, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што објавија претпладнево косовските медиуми, Тачи му понуди на Курти да се сретнат во 10, 11, или 12 часот.

Претседателот завчера ги покани на одделни средби лидерите на парламентарните партии на Албанците во Косово, со цел координација за прашањата од национален интерес, меѓутоа Курти ја одби поканата, порачувајќи дека нема интерес да се сретне со Тачи како лидер на партијата Движење Самоопределување (ВВ), туку само како премиер.

– Кога ја видов агендата, дека закажал средби со партиските лидери, реков нека ги одржи првин тие средби со партиските лидери, а потоа ќе се сретнеме како челници на институциите. Значи, јас сум за средба и за соработка, но не на тој ден и не на тој начин, изјави вчера Курти.