Косовскиот претседател Хашим Тачи и премиерот Авдулах Хоти, на нивната прва средба откако Хоти, на 3-ти овој месец, застана на чело на владата, постигнаа договор за идниот форум на лидери што новиот премиер вели дека ќе го формира за да го претставува Косово во претстојните преговори со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштение од кабинетот на Тачи се наведува дека претседателот и премиерот разговарале за политичките процеси, состојбата со пандемијата на ковид-19 и за економското опоравување на земјата.
Тачи, според соопштението, оценил дека, по изборот на новата влада од страна на Собранието на Косово, „политичката ситуација во државата, за среќа, се нормализира и сега треба да се дојде до единство (на политичките субјекти) во процесот на дијалогот наспроти Србија“.
„Премиерот Хоти нагласи дека е потребно формирање на сеопфатен тим за преговорите, во кој треба да бидат опфатени и опозициските политички субјекти“, се вели во објавата, во која се додава дека претстедателот на држава ја поддржува иницијативата на премиерот.