Тачи за иницијативата на Ахмети: Тешка манипулација со емоциите на Албанците

Премиер ќе биде тој што ќе победи на изборите, а Албанците можат да освојат најмногу до дваесетина пратеници, објасни лидерот на ДПА.

Тешка манипулација со емоциите на Албанците, ја нарече лидерот на ДПА, Мендух Тачи, иницијативата на ДУИ и Али Ахмети за прв премиер Албанец во Северна Македонија.

„Граѓаните одлучуваат кој ќе биде премиер. Премиер ќе биде тој што ќе победи на изборите, а Албанците можат да освојат најмногу до дваесетина пратеници. Затоа, ова што го зборува Али Ахмети е тешка манипулација со луѓето и со емоциите на Албанците оти нешто тој ќе направи. Тие се во мртов агол и ќе биде многу убаво да ги видиме како ќе се снаоѓаат во улога на опозиција“, изјави на денешната прес-конференција.

Тачи смета дека изборите треба да се одржат на 5 јули.

„ДПА е на став дека 5 јули е датумот кога треба да одиме на избори. Не може вака понатаму. Ова сега е Влада во која политичките партии повеќе се грижат за нивниот рејтинг отколку за сериозноста на ситуацијата. Сѐ околу нас, па и кај нас, укажува дека ваквата состојба со ковид-19 нема да трае две недели или уште два месеца, ќе трае подолго и ние не можеме да чекаме со месеци за да се поправи состојбата па да одиме на избори“, додаде Тачи.