![taci albanija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/11/taci-albanija.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Косовскиот претседател Хашим Тачи кажа дека резултатот на разговорите за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина нема да биде ни поделба на Косово ниту ќе се формира Република Српска.
Тачи ова го изјави во Париз каде престојува на покана на францускиот претседател Емануел Макрон и учествува на одбележувањето на стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна.
Тој на конференција за новинарите во француската престолнина кажа дека нормализацијата на Белград и Приштина не подразбира поделба на Косово или формирање српска територија во косовските граници.
Нема да има поделба, ниту асоцијација со извршни овластувања што подразбира создавање на Република Српска на Косово. Резултатот на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија треба да биде потпишување на правно обврзувачки договор. Првата точка од договорот ќе вклучува меѓусебно признавање на Косово и Србија, кажа Тачи.
Тој истакна дека без меѓусебно признавање не може да има ни нормализација на односите.
Не постои заемно признавање како две независни и суверени држави без признавање на границите на меѓудржавно ниво. Работиме на тоа да постигнеме сеопфатен договор, кој ќе содржи и демаркација, бидејќи двете земји треба да имаат меѓународна граница. Косово има три цели кои сака да ги постигне со дијалогот со Србија, и тоа се меѓусебно признавање, замена на Резолуцијата 1244 и зачленување на Косово во Обединетите нации, истакна Тачи.