Таџикистанската влада ја обвини во вторникот забранетата исламистичка партија за нападот од неделата во кој беа убиени четири туристи, додека џихадистичката организација Исламска држава тврди дека таа стои зад нападот.
Повикувајќи се, како што се наведува, на признание на уапсен осомничен, таџикистанското министерство за внатрешни работи соопшти дека водачот на напаѓачите минал обука во Иран.
Владата во Душанбе ја забрани Исламската партија за обнова на Таџикистан (IRPT) во 2015 година обвинувајќи ја за обид за државен удар. Челниците на партијата кои сега живеат во егзил ги отфрија ваквите обвинуваа и велат дека целта на мерките преземени против нив и против партијата е да се зацврсти власта на претседателот Имомали Рахмон. Претходно во вторникот од партијата IRPT упатија сочувство до семејствата и државите од кои се жртвите.
Новинската агенција Amaq, којашто ги пренесува огласувањата на Исламската држава, објави дека одоворноста за нападот ја преземала споменатата ултрарадикална сунитска организација. Ова е првпат оваа џихадистичка групација да тврди дека стои зад некој напад во Таџикистан, но не дава никакви докази и поединости за своето тврдење.
Четворица туристи – американски, швајцарски и холандски државјани беа убиени, а двајца беа ранети во Таџикистан кога во нив се залетал автомобил од кој излегле вооружени лица и ги нападнале, соппштија во понеделникот властите на оваа централноазиска земја.
Нападот се случи во неделата во околината на Дангара, 150 километри јужно од престолнината Душанбе. Групата од седум странски туристи на велосипеди била соборена од автомобил чиј возач потоа побегнал. Таџикистанските власти коишто прво известија дека станува збор за несреќа, потоа објавија дека осомничените „имале ножеви и огнено оружје“, како и дека еден турист е повреден со студено оружје. Според соопштенијата коишто ги објави полицијата, најмалку четворица осомничени се уапсени, а петмина се убиени во поициската потера по напаѓачите.