Таеквондистот Георгиевски освои сребро

Европскиот шампион во таеквондо од минатата година, Дејан Георгиевски го освои сребрениот медал на Медитеранските игри во Тарагона, откако денеска загуби во финалето од Шпанецот Даниел Рос.

Вториот наш натпреварувач во таеквондо, Филип Додевски, утре ќе ги има своите борби во категорија до 80 килограми.

По трите победи денеска, нашиот претставник во категоријата над 80 килограми не успеа да стигне до триумф во борбата за златото против Даниел Рос Гомез од Шпанија. Шпанецот беше пресилен и победи со 24-9 во финалната борба.

Георгиевски го освојува шестиот медал за Македонија на игрите, откако две злата освоија Берат Јакупи во карате и Магомедгаџи Нуро во борење, како и три бронзи и од кои две во карате за Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски и една во борење за Дејан Митров.