Претседателот на Европскиот парламент, Италијанецот Антонио Тајани, смета дека Европа, под што ја подразбира во прв ред Европската унија, мора да стравува од зголемувањето на бројот на државички, во моментот кога Каталонија се бори за својата независност а италијанските региони Венето и Ломбардија гласаат во неделата за повеќе автономија од Рим.
„Секако дека Европа мора да стравува. Затоа никој во Европа нема намера да ја признае Каталонија како независна држава. Дури ни Тереза Меј (британската премиерка – з.р.) среде Брегзитот, рече дека Британија нема да ја признае Каталонија“, истакнува претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани во интервјуто за римскиот дневен весник Il Messaggero.
Според Тајани, „Шпанија е историски единствена држава со бројни автономии, различно население коешто говори различни јазици, но се единствената држава“.
Тајани прави разлика меѓу референдумот во Каталонија и плебисцитите во Ломбардија и Венето, двете италијански покраини кои во неделата гласаат за добивање повеќе автономија.
„Како прво, тие два референдума се легитимни, што не беше случајот во Каталонија. Потоа, каталонскиот референдума беше за независност, додека Ломбардија и Венето бараат повеќе автономија. Во Шпанија не станува збор за автономија туку за прогласување независност, на штета на правната држава и против шпанскиот Устав, кој е плод на илегален референдум“, заклучува Тајани.