„Таксират“ и „Д Фестивал“ номинирани за најдобри фестивали во Европа

Фестивалите „Таксират“ и „Д Фестивал“ се во трка за престижните „Европски фестивалски награди“, најзначајното признание за музичките настани на стариот континент. Двата фестивала, како што информира нивниот организатор „Пасворд продакшн“, се единствени од Македонија номинирани во две различни категории заедно со 45 други фестивали од 19 држави од Европа.

Зимскиот „Таксират“ влегува во категоријата за „Најдобар фестивал во затоврен простор“, додека пак „Д Фестивал“ е номиниран за „Најдобар мал фестивал“ односно категоријата во која спаѓаат фестивалите со капацитет од 10 000 посетители дневно.

По номинацијата, за изборот на победниците главниот збор го има милионската публика од целиот свет која веќе гласа за своите омилени фестивали. Гласањето е отворено за сите, па и за македонската публика која може да ги поддржи фестивали преку овој линк.

„Европските Фестивалски Награди“ се најзначајното меѓународно признание за препознавање на квалитетот на фестивалските организации на кои се должи европската разновидна и енергична фестивалска сцена. Токму затоа за победниците од секоја категорија одлучуваат оние кои се најважниот дел од музичките фестивали – публиката! Преку отворено гласање на официјалната онлајн платформа (https://www.surveymonkey.com/r/efavoting2022) јавноста ќе може да гласа во сите категории и секако да ги поддржи „Таксират“ и „Д Фестивал“ со својот глас сѐ до 7 декември.

Прогласувањето на победниците ќе биде на 18 јануари 2023, на свеченото доделување на наградите во Гронинген, Холандија. За конечните победници во секоја од категориите, се одлучува според гласовите од публиката, но и стручното жири кое го сочинуваат истакнати личности од светската музичка индустрија.