
Кој ќе се вози со такси ако автобускиот превоз во Скопје стане бесплатен како што најави градоначалничката Данела Арсовска во својата предизборна кампања? Ова ветување предизвика воодушевување кај граѓаните, но и голема загриженост кај такси превозниците кои најавуваат протести доколку тоа се случи, бидејќи стравуваат дека ќе останат без работа.
Таксистите деновиве сѐ повеќе го проблематизираат прашањето – кој ќе ја користи нивната услуга доколку автобусите се бесплатни? Велат дека бизнисот сосема ќе им се уништи особено бидејќи имаат купено нови возила за кои што земале кредити кои треба да се исплаќаат.
Од друга страна, пак, постои убедувањето дека такси-превозот не може да пропадне поради бесплатниот автобуски превоз. Потребно е пред сѐ да се среди ситуацијата со нелојалната конкуренција, односно отстранување на дивите превозници и да се подигне стандардот и квалитетот на услугите, бидејќи граѓаните имаат поплаки во однос на потребните минимум стандарди кои се очекуваат да се запазат, како чистотата на возилата и нивната старост, културата на возење… Има малку такси станици, а во одреден дел од денот е многу тешко да се добие нивната услуга, а проблем е и што такси компаниите не работат со картички.
Арсовска најави и дека ќе го реши и проблемот со нелегалните диви превозници, но овој проблем го решаваа и нејзините претходници, па сѐ резултатите не се видливи. Дали конечно ќе се воведе ред во овој сектор или сепак таксистите ќе одлучат своето незадоволство да по покажат на протести какви што најавија, останува да видиме.