Талибанците и Националниот фронт на отпорот ги имаа првите директни разговори

Вчера се одржаа првите директни разговори меѓу претставниците на Националниот фронт на отпорот и делегација на радикалното талибанско движење што ја презеде власта во Авганистан, на својата страница на Фејсбук објави Абдул Хафиз Мансур, кој ја претставува групата преговарачи од северната провинција Панџшир, која е единствената територија во земјата што не е под контрола на талибанците.

„Делегација на Националниот фронт на отпорот одржа разговори во градот Чарикар (административен центар на провинцијата Парван) со претставници на талибанците. Разговорите се одржаа во добра атмосфера…… Ова е првпат претставници на две страни да имаат директен дијалог“, напиша Мансур.

Според него, делегацијата на талибанците броела седум лица, а групата преговарачи од Националниот фронт на отпорот – 12.

„Страните се согласија да го продолжат мировниот дијалог за да избегнат вооружени напади врз позициите на другиот“, напиша Мансур на Фејсбук.