Талибанците им наредија на новинарките на телевизија да ги покријат лицата

Талибанците им наредија на новинарките во сите авганистански медиуми да ги покриваат лицата кога ќе се појават на телевизија, објавија локалните медиуми во четвртокот. Големата авганистанска медиумска куќа TOLOnews ја објави веста на својот официјален Твитер профил. Веста за ДПА ја потврдија неколку новинари и продуценти од Кабул.
Талибанците ги информираа сите телевизиски станици дека новата наредба е конечна и „не е за дискусија“ во медиумите.
На социјалните мрежи се шират фотографии од водителки со покриени лица. Еден од тамошните ТВ продуценти рече дека според новата наредба, лицата на водителките мора да бидат покриени „а да им се гледаат само очите“.
Талибанците сè уште не издале јавно соопштение во врска со наредбата, која дојде набргу откако го воведоа правилото дека жените мора да го покриваат лицето на јавно место.
Откако се вратија на власт, талибанците систематски ги кршат човековите права во земјата и воведоа сериозни ограничувања за медиумите. Имаше повеќе случаи на тепање и притворање на новинари поради извршување на својата работа, а на девојчињата и на жените им беа одземени многу права, вклучително и правото на образование, работа и движење.