Талибаните издадоа декрет за општа амнестија за сите претставници на авганистанската влада

Талибаните издадоа декрет за општа амнестија за сите претставници на авганистанската влада, вклучително и претседателот во бегство Ашраф Гани и ветија дека тие можат да се вратат и да живеат во Авганистан, изјави денеска високиот талибански лидер Калил ур-Рахман Хакани.

Според него, „нема непријателство“ меѓу талибаните и соборениот претседател Ашраф Гани, потпретседателот Амрулах Салех и советникот за национална безбедност Хамдулах Мохиб, пренесува руската агенција ТАСС.

„Ние им простуваме на сите: од генерал кој се бореше во војната против нас до обичен човек“, рече Хакани во интервју за пакистанската телевизија Geо.

Тој, исто така, ги повика Авганистанците што ја напуштаат земјата да останат и посочи дека пропагандата која тврди дека талибаните ќе им се одмаздат ја шират непријателите.

„Талибански службеник ветува дека сите етнички групи во Авганистан можат да се чувствуваат безбедно во земјата. Таџикистанците, Балочистанците, Хазарите и Паштуните се наши браќа “, додаде Хакани.

Пакистанските медиуми, сепак, посочуваат дека има уште многу луѓе кои сакаат да избегаат од Авганистан, како и дека во Авганистан има околу 800 Пакистанци кои сакаат да ја напуштат земјата.