Талибаните сакаат да го претстават Авганистан на Генералното собрание на ОН

По преземањето на целосната власт во Авганистан на средината од август, радикалното исламистичко движење Талибан сака негов претставник да се обрати на 76-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации и да ја претстават земјата на светската сцена.

Во писмото до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со чии делови е запозната агенцијата DPA, талибанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки побарал право да се обрати на Генералното собрание кое се одржува оваа седмица во Њујорк.

Писмото го испратило министерството за надворешни работи на Исламскиот емират Авганистан во седиштето на светската организација во Њујорк, потврдиле од ОН.

Талибаните во писмото појаснуваат дека поранешниот авганистански претседател Ашраф Гани е „соборен“ и дека нивната земја повеќе не го признава за претседател. Исто така, се истакнува дека движењето сака и да го заемни авганистанскиот претставник во ОН и да го постават својот претставник Сухаил Шахин. Образложуваат дека сегашниот постојан претставник за Авганистан во ОН, Ѓулам Исказаи, повеќе не ја претставува земјата и дека неговата мисија е завршена.

Истовремено со повлекувањето на американските и силите на НАТО од Авганистан, талибаните поведоа секавична офанзива против тамошните владини сили и повторно го воспоставија „исламскиот емират“ по точно 20 години откако беа соборени со американската инвазија. За САД, Германија и другите западни земји, талибаните дефакто се власт во Авганистан, но сѐ уште не ги признаваат како легитимна влада и бараат од нив во прв ред почитување на правата на жените и на разните општествени малцинства, како и формирање „вклучителна влада“.

Секретаријатот на ОН споменатото писмо го проследил на разгледување до комисијата за агремани. Комисијата ја сочинуваат претставници на девет земји: САД, Русија, Кина, Шведска, Намибија, Бахами, Бутан, Сиера Леоне и Чиле, и тие решаваат кои претставници а со тоа и кои челници на држави ќе ги признаат ОН, појасни портпаролот на организацијата, Фахран Хак.

„Не се Обединетите нации оние кои ги признаваат владите, тоа го прават државите членки“, појасни Хак.