Портпаролот на авганистанското радикално исламистичко движење Талибан, Забиула Муџахид, изјави во интервју за американската телевизиска мрежа CBS News, дека движењето се надева на победа на републиканскиот претседател Доналд Трамп на американските претседателски избори на 3-ти ноември.
„Ние се надеваме дека тој ќе победи на изборите и ќе стави крај на американското воено присуство во Авганистан“, рече Муџахид во телефонското интервју за CBS News,
Притоа во прилогот на телевизијата се истакнува дека веста за заболувањето на Трамп со коронавирусот предизвикало загриженост кај челниците на талибаните.
„Кога слушнавме дека Трамп е заразен со Covid-19, бевме загрижени за неговото здравје, но се чини дека заздравува“, изјави за CBS News, друг неименуван лидер на талибаните.
„Трамп може да не му се допаѓа на остатокот од светот, но за талибаните тој размислува здраворазумски и е мудар човек“, рекол за телевизијата уште еден неименуван политички претставник на движењето.
Претставник на изборната кампања на Трамп, во меѓувреме за CBS News рекол дека тој ја отфрла поддршката на талибаните, како и дека тие треба да знаат дека Трамп секога ќе ги „брани американските интереси на секој неопходен начин“.
Колку американски „храбри мажи и жени“ ќе останат во Авганистан?
Претходно седмицава талибаните ја поздравија најавата на Трамп дека сите американски борбени единици во Авганистан би требало „да се вратат дома до Божик“, неколку часа откако во средата неговиот советник за национална безбедност Роберт О’БРајан рече дека САД ќе го намалат бројот на војниците во Авганистан на 2.500 лица. Но аналитичарите тврдат дека на англиски јазик изјавата на Трамп може да се толкува на два начина: како жалба или како изразување убеденост дека тоа ќе се случи.
Претходно според плановите на Вашингтон во Авганистан требаше да остана до 4.500 американски војници, како логистика на авганистанските владини безбедносни сили и за заштите на американската дипломатска мисија и американските интереси во земјата. Меѓутоа, О’Брајан во средата рече дека бројноста ќе биде намалена до 2.500 војници.
Во средата, исто така, се одбележаа и 19 години откако САД и сојузничката коалиција предводена од НАТО извшија инвазија врз Авганистан, со која беше соборена владата на радикалното исламистичко движење Талибан, кое ѝ даваше засолниште на теорристичката мрежа Ал Каеда која ги изведе најголемите терористички напади на американска територија на 11-ти септември 2001 година, во кои загинаа околу 3.000 луѓе. Во борбите во Авганистан досега се убиени 2.400 американски војници, а илјадници се ранети.
Запнаа меѓуавганистанските преговори
На 29-ти февруари годинава, во катарска Доха, по седумте круга преговори кои траеја речиси една година беше потпишан мировен договор меѓу САД и радикалното исламистичко движење Талибан. Според договорот, САД и нивните сојузници како и меѓународната коалиција во текот на следните 14 месеци треба да го повлечат од Авганистан своите трупи. Од своја страна, талибаните гарантираат дека авганистанската теририторија нема да се кориси за активности кои претставуваат закана за САД и нивните сојузници. Истиот договор предвидуваше и ослободување на 5.000 приврзаници на движењето од авганистанските затвори, а талибаните да ослободат околу 1.000 лица кои ги држеа во заробеништво, како мерки на доверба пред почетокот на меѓуавганистанските преговори за постигнување мир во земјата.
Во Доха, меѓутоа, двете авганистански страни не успеваат да се договорат за тоа со кој јазик ќе се зборува и за верзијата на исламот која ќе исповеда. Талибаните, приврзаници на најстрогото ригидно толкување на исламот, сакаат да се исповеда ханефизмот, сунитска исламска школа. Меѓутоа, владините преговарачи предупредуваат дека тоа би можело да се искористи против етноконфесионалната заедница Хазари, кои главно се шиити, како и против другите авганистански малцинства.
Двете страни не можат да се договорат ниту за тоа како американско-талибанскиот договор потпишан во февраури ќе се применува.