Припадниците на исламистичкото милитантно движење ќе ја преземат контролата врз аеродромот во авганистанската престолнина на 31-ви август по повлекувањето на американските војници, пренесе телевизијата Al Jazeera наведувајќи талибански извори.
Познато е дека новите талибански власти во Кабул преговараат со Турција и со Катар за техничка помош по преземањето на целосното управување со меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“, но сѐ уште не е постигнат договор по ова прашање.
Претходно портпаролот на талибаните, Забиула Муџахид, во интервјуто за јапонската телевизија NHK рече дека движењето кое на 15-ти август ја презема власта во Авганистан, е оптимист за претстојнит целосно повлекување на странските војници од аеродромот во Кабул.
Во моментов кабулскиот аеродром го контролираат американските војници, но во вторник 31-ви декември истекува рокот за нивно конечно повлекување од земјата.
Точно пред една седмица талибаните предупредија дека евентуалната одлука на САД за продолжување на рокот за повлекување на своите војници од Авганистан, кој истекува на 31 август, ќе има последици. Тогаш портпаролот на талибаните Сухаил Шахин за британската телевизија Sky News рече дека продолжувањето на рокот за повлекување на американските војници ќе значи „продолжување на окупацијата“, додавајќи дека нема потреба од тоа.
Порача дека доколку САД или Велика Британија побараат дополнително време за да продолжат со евакуацијата „одговорот ќе биде не“.
„Тоа ќе создаде недоверба меѓу нас. Ако имаат намера да ја продолжат окупацијата, тоа ќе предизвика реакција“, рече Шахин.
Оваа изјава на Шахин следеше по информацијата дека британскиот премиер Борис Џонсон ќе побара од американскиот претседател Џо Бајден да го продолжи рокот за заминување на американските војници од Авганистан, со цел да се овозможи евакуација на луѓето кои сакаат да ја напуштат земјата.