Кампањата на талибаните против наркотици успешно го намали одгледувањето на афион, но има сериозни економски последици за многу авганистански фармери, објави Меѓународната кризна група (ICG) во новиот извештај во четвртокот.
Според организацијата со седиште во Брисел, забраната за произведување дрога „несразмерно ги погодила сиромашните работници и руралните жени“, кои најмногу се потпираат на земјоделството.
Откако се вратија на власт пред две години, талибаните постепено користеа различни тактики, вклучително и програми за рехабилитација, уништување на посевите со афион и затворање на областите каде што се продавала дрога.
„Додека многу земјоделци страдаа, богатите трговци профитираа од зголемувањето на цените на нивните залихи. Земјоделците кои преминаа на други култури се во големи проблеми поради помалите приходи“, се вели во извештајот, којшто, како се чини, натежува кон олабавување на талибанската забрана за произведување опиум.
Аналитичарот на Кризната група за Авганистан, Ибрахим Бахис, ја истакнува важноста од обезбедување алтернативни економски можности за да се спречи раселувањето и емиграцијата.
Бахис повикува на соработка меѓу Авганистан и меѓународната заедница и предлага талибаните да „размислат за попостепен пристап кон забраната за опиумот“ и да усвојат поблаги практики за најсиромашните земјоделци.
Минатиот викенд, талибанскиот вицепремиер Абдул Кабир изјави во Кабул дека производството на дрога било енормно зголемено во Авганистан за време на двве децениската инвазија на земјата предводена од САД. Производството на афион во Авганистан, некогаш најголемиот светски снабдувач, остро опадна откако талибанските власти го забранија одгледувањето на наркотикот откако по хаотичното повлекување на војските на САД и нивните сојузници во август 2022 година без борби се вратија на власт.
Во ноември минатата 2023 година, Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) процени дека одгледувањето опиум во Авганистан е намалено за 95 отсто по забраната на талибаните.