Вршителот на должноста заменик министер за надворешни работи на Авганистан во талибанската влада, Шер Мохамад Абас Станикзај, ги повика новите власти да ги отворат училиштата за девојчиња по шесто одделение, велејќи дека исламот не дава валидна основа за таква забрана.
Тој го упати повикот за време на состанокот на високо поставени талибанци во Кабул.
„Многу е важно да се обезбеди образование за сите, без дискриминација. Жените треба да се образуваат, нема исламска забрана за школување девојчиња. Да не им даваме можности на другите да прават поделба меѓу власта и народот“, рече Станикзај.
Талибанците рекоа дека работат на план за отворање средни училишта за девојчиња, но не објавија временска рамка.
Мерките вклучуваат забрана за образование на девојчињата по шесто одделение, и покрај тоа што првично го ветуваа спротивното. На јавни места, жените мора да се покриваат од глава до пети, а да им се гледаат само очите.
Обединетите нации ја опишаа забраната како „срамна“.